Во рамките на проектот Ready4School, на 10 октомври 2025 година, на Педагошкиот факултет при Универзитетот Масарик во Брно, Чешка Република, се одржа завршната конференција, која собра 26 стручни лица, меѓу кои воспитувачи, специјални едукатори и рехабилитатори и студенти. Настанот ги претстави резултатите од двегодишното меѓународно партнерство насочено кон поддршка на подготвеноста за училиште кај децата со нарушување од аутистичниот спектар, преку стратегии и алатки засновани на AБA методата. Учесниците присуствуваа на презентации на кои беа претставени клучните резултати од проектот, вклучувајќи ја Алатката за проценка на подготвеност за училиште и Едукативниот комплет, демонстрација на дигиталната алатка и мобилна апликација, како и практични работилници каде што присутните директно работеа со материјалите од алатката за проценка и споделуваа искуства од пилот-тестирањето. Програмата опфати значајни теми како принципите на AБA, постапките за проценка и инклузивните образовни практики, а заврши со панел-дискусија за примената на овие ресурси во рамките на националните образовни системи.